Денес Градот Скопје му донираше на ЈСП СКОПЈЕ уште едно, четврто, посебно адаптирано возило, со автоматски управувана рампа за инвалидска количка, рачки за држење, каиши и шипки за закочување на инвалидските колички.
Досегашните возила вршеа превоз на лица со потежок инвалидитет и тоа: две возила вршат превоз од 06-22 часот, а едно возило од 07-23 часот и за првпат почнаа да се движат по скопските улици од 02.10.2009 година.
ЈСП има бесплатна телефонска линија, преку која превозот се договара во работни денови од 08-15 часот, и тоа: за превоз од вторник до сабота еден ден порано, за недела и понеделник се врши во петок, додека за превоз во неработни денови и празници закажувањето се врши во претходниот работен ден. При закажување на превозот, корисникот е должен да ги даде следните податоци: име и презиме, датум за кога се бара превозот, време на тргнување и враќање, место на тргнување, дали корисникот има придружба и контакт телефон. Закажувањето на превозот се договара со телефонски повик по принципот на редослед на закажување.
Превозот се организира и користи според следните приоритети: користење на здравствена заштита, редовни превози до работното место, остварување права од областа на социјална заштита, остварување права од областа на инвалидска заштита и посета на спортски, културно-забавни и слични манифестации.
Од страна на Градот Скопје, досега има регистрирано околу 500 корисници на превозот за лица со посебни потреби.
Ваквиот чекор е само уште еден показател дека ЈСП СКОПЈЕ и Градот Скопје, континуирано се грижат за граѓаните со посебни потреби.
|